
Разговорот за СПБ
Еве те ... потребни беа само неколку средби за да сфатиш дека сакаш страсно да се зближиш со една прекрасна нова личност. Има само едно нешто: треба да ѝ кажеш дека имаш долготрајна или (можеби) трајна сексуално пренослива болест/инфекција (СПБ/СПИ) и дека постои можност таа да се пренесе. Ако помислата да ја отвориш темата те тера да се вртиш непријатно, не си единствената личност што се чувствува така.
Да споделиш дека имаш заразна болест или инфекција може да биде многу вознемирувачки, дури и ако веќе имаш искуство со тоа. Низ главата може да ти минат многу мисли, како: "Како да ја спомнам? ... Кога? ... Дали да почекам до моментот непосредно пред сексот? ... Како ќе реагира другата личност и што ќе мисли за мене?"...
Тука се вклучени толку многу можни реакции и силни емоции. Откако ќе запознаеш некого што романтично те привлекува, спомнувањето на СПБ/СПИ го подига разговорот за безбеден секс на сосема ново ниво. Па, кој е вистинскиот начин да ја отвориш темата за СПБ/СПИ пред некого со кого можеби ќе имаш сексуална врска?
Прифаќање на реалноста
Да ѝ кажеш на личноста со која планираш интимна врска за моментална или долготрајна СПБ/СПИ станува помал товар ако ти веќе ја имаш прифатено состојбата. Можеби не можело да се предвиди дека ќе се заразиш со сексуално пренослива болест - дури и покрај најголемите мерки на претпазливост - но факт е дека тоа е реалност што можеби никогаш нема да се промени. Негирањето на состојбата само ќе ја продолжи твојата мака и ќе те изолира од другите.
Немој да претпоставуваш дека СПБ/СПИ значи крај на твојот сексуален живот. За да продолжиш да имаш позитивна слика за себе, како и исполнет сексуален живот, треба да научиш да живееш со венеричната болест најдобро што можеш, справувајќи се со неа со самодоверба и сигурност. Тоа може да се постигне со вежби за лично зајакнување и со едукација за СПБ/СПИ.
Како ќе знам кога е вистинскиот момент да зборувам за тоа?
Во кој момент од врската да ја отвориш темата? Дали да ја спомнеш рано, во почетните фази на запознавање, или да почекаш додека не стане јасно дека може да се развие сексуална врска? Тоа е целосно лична одлука и може да се разликува од човек до човек. Споделувањето на толку интимна информација зависи од повеќе фактори, како што се твојата динамика со таа конкретна личност, колку сигурно се чувствуваш меѓу непознати луѓе и мислењата што таа личност ги има изнесено во секојдневните разговори.
Бидејќи нема начин да се предвиди нечија реакција, не троши непотребна енергија на "што ако" и, пред сѐ, избегнувај да ги проектираш сопствените судови и чувства врз другите. Ќе има луѓе што ќе реагираат негативно на твојата вест, но ќе има и такви што нема ни да трепнат. Наместо да се грижиш што ќе помислат, обрни повеќе внимание на својата интуиција и користи ја како главен показател за тоа кога да ја кажеш вистината.
Како да ја спомнам мојата СПБ/СПИ?
Откако ќе одлучиш да разговараш за својата СПБ/СПИ со личност со која можеби ќе имаш врска, претстави ја информацијата што е можно понеутрално, внимавајќи на говорот на телото и на начинот на кој зборуваш. Дај ѝ време на другата личност да ја процесира информацијата. Можно е да ѝ треба малку дистанца за да ја сфати - што значи дека може да ѝ треба ден-два, па дури и една недела. Ако ти е грижа за таа личност, почитувај ја потребата да се донесе одлука без притисок, особено ако и од другата страна има чувства кон тебе.
Еден од најдобрите начини да стекнеш сигурност кога зборуваш за својата СПБ/СПИ е да се едуцираш за состојбата. Прочитај ги нашите статии и побарај од лекар или друго здравствено лице да ти каже каде да најдеш други веродостојни и ажурни извори на информации. Научи ги фактите и понуди да ги споделиш, или охрабри ја другата личност сама да се информира.
Каде и кога?
Избери неутрално време и место, односно такво каде што нема да ве прекинуваат или да ви се одвлекува вниманието. Разговорот за време на прошетка е добра идеја, како и после оброк или на кафе. Задржи ја смиреноста и изнеси ги фактите. На другата личност ќе ѝ биде многу потешко да реагира објективно ако ја користиш приликата за да ги средуваш сопствените нерешени емоции. Животот со СПБ/СПИ нема секогаш да биде лесен, и затоа помага да работиш на личниот раст и самоприфаќањето пред да влезеш во сексуална врска.
Што ако реакцијата е лоша?
Бидејќи не сакаш да зрачиш негативна енергија, најдобро е да не го очекуваш најлошото. Сепак, подготви се за секаков исход, позитивен или не. Ако другата страна одбие сексуална врска со тебе, обиди се одбивањето да не го сфатиш лично. Станува збор за свесна, информирана одлука за сопствената сексуалност, избор што заслужува почит. Ако СПБ/СПИ ти била пренесена без да знаеш, од искуство знаеш дека ќе ти значело да ги имаш сите факти пред да влезеш во сексуална врска. Последното нешто што го сакаш е со притисок или со чувство на вина да натераш некого на секс, а подоцна да дознаеш дека и таа личност се заразила со истата СПБ/СПИ.
Побарај поддршка од другите
Вежбај да зборуваш гласно за својата СПБ/СПИ. Можеби ќе сакаш и да направиш ‘игра на улоги’ со личност во која имаш доверба, која ќе ти даде конструктивни повратни информации за начинот на кој ја пренесуваш веста. Побарај индивидуално советување ако ти треба совет еден-на-еден. Разгледај онлајн форуми или мрежи за поддршка во заедницата за насоки и поддршка. Постојат и сајтови за запознавање специјално наменети за луѓе позитивни на СПБ/СПИ, за да можат да се најдат меѓусебно. Поради распространетоста на СПБ/СПИ, има многу луѓе што точно знаат низ што поминуваш; нивните искуства можат да те инспирираат да се издигнеш над личните и општествените ограничувања. Колку поопуштено се чувствуваш со тоа што имаш СПБ/СПИ, толку полесно - и со помалку вознемиреност - ќе ти биде да разговараш со луѓето со кои ќе имаш врска во иднина.
Завршни мисли
Ако избереш да имаш секс без да ја откриеш својата СПБ/СПИ, можеби ги изложуваш другите на ризик да се заразат со истата, да трпат болка и потенцијално да им биде загрозен животот. Ако СПБ/СПИ ти била пренесена неочекувано, знаеш какви физички и/или емоционални страдања може да предизвика. Немој да ги изложуваш другите на истото - не само што тоа е незаконско во некои држави, туку е и неправедно и не го менува фактот дека тоа ти се случило тебе.
